Каде беше, шетачу, дента
Кога умре? Во плач главата
Забиена в мов и со печал како остров или
Се ладеше во некој бар?
Се криеше ли таму расплакан? Додека
Солзите на минатото ги полнеа чашите, до врв
Полни чашки ти ги допираа усните растреперени
Зашто тагата е велика и секогаш ќе ја има повеќе.
Беше ли разнишан, дента кога ти го
Заковаа дрвениот сандак? Седум
Улици до морето и секогаш седум назад.
Таму се излежуваше во туѓи раце и танцуваше
Во шест такта. Испи шест чаши рум и завиваше
Кон шанкот, додека сите те чекаа
Тажно. Но ти, како и секогаш, не даваше ни
Пет пари, ти пијаничиште, напуштен лешу.
„Легнав во Цитадела, сонував за сомотни
Девици, но ниедна не најдов“.
Длабеше ли црешовина, со лабаво
Длето и неупотреблив зглоб? Страста за
Зборовите ја расипа забавата до крај.
Збогум, шетачу, мандарину на минатите дни.